Најчести грешки при исхрана кај децата: Како да обезбедите здрава исхрана за вашето дете ?

Секојдневно сме сведоци на најразлични ставови за исхраната кај децата – помеѓу педијатрите, нутриционистите, родителите и интернет-заедницата. Овие ставови, иако со добра намера, често знаат да бидат контрадикторни, збунувачки и предизвикуваат дополнителен стрес кај родителите. Различните убедувања и совети, посебно кога се слушнати од авторитетни фигури или споделени на социјалните мрежи, лесно нè носат во заблуда и предизвикуваат долги и исцрпувачки размислувања од типот:
„Дали правилно го хранам моето дете?“

Нормално е и сосема природно што секој родител сака да направи сè најдобро за своето дете. Но, неретко во јавноста се критикувани и мајките кои дојат (воспоставуваат лактација), како и оние кои користат адаптирано млеко.

Само едно ќе ви кажам — не постои погрешен избор. И доењето и адаптираното млеко се основни извори на храна за новороденчето и доенчето во првата година. Најважно е детето да добива доволно квалитетна храна, љубов и поддршка, без разлика дали се храни преку доење или со шише. Но, проблемите настануваат кога млекото продолжува да доминира во исхраната и по втората година од животот.

Што се случува ако дете постаро од 2 години редовно консумира 500–700 мл млеко дневно (2–3 шишиња)?

Мора да признаеме дека ова и не е така ретка појава. За жал, премногу млеко може да води до неколку важни нутритивни ризици. Тоа го потиснува апетитот за разновидна храна, го зголемува ризикот од анемија поради дефицит на железо, може да доведе до недостиг на растителни влакна, витамини, есенцијални масти и макронутриенти.
Млекото е важно, но не треба да биде основа на исхраната кај дете постаро од 12–18 месеци. Во овој период, потребно е децата да внесуваат квалитетни оброци со различни вкусови, текстури и хранливи материи.

Другата честа, но не толку препознаена грешка е предолгата употреба на блендирана храна. Многу родители, од страв дека детето ќе се задави, продолжуваат со пасирана храна и по првата година. Но, токму во овој период, детето треба активно да учи да џвака, да грицка и да се сретнува со различни текстури на храна.

Trajna programa za ishrana

Кога мускулите на вилицата не се користат, не се развива ниту оралниот моторен систем. А со тоа може да се одложи и развојот на говорот.

Покрај тоа, постои повисок ризик од пики-исхрана (селективно јадење), ограничен интерес за нова храна и одбивање на нови вкусови и мириси.
Затоа, важно е постепено да се премине од густа храна кон ситни, меки парчиња – прилагодени на возраста.
Децата не само што уживаат во текстурата, туку преку храна развиваат и важни сензорни способности, чувство за независност и доверба во сопствените способности.

Во разговор со многу мајки и татковци, често доаѓам до сознание дека одредени алергени се избегнуваат предолго, односно не се воведуваат навреме. Најчесто тоа се: риба, јајца, јаткасти плодови, јагоди, домати, глутен, и слично. Причината најчесто е страв од алергии. Но, науката ни кажува нешто друго – раната контролирана експозиција на алергени (помеѓу 6 и 12 месеци) може да го намали ризикот од развој на алергии подоцна.
Предоцното воведување, напротив, може да доведе до зголемена сензибилизација, што значи телото ќе има поголема шанса да ги препознае тие намирници како „штетни“.

Па затоа, ако вашето дете е веќе постаро од 6 месеци, нема потреба да избегнувате – понудете му јагода, варено јајце или лажичка рибно месо. Секако, во мали количини и под надзор – но доволно е за имунолошкиот систем да се навикне.

Исто така, не смееме да заборавиме и на најосновниот пијалок – водата. Кај многу деца се случува течностите да бидат заменети со домашни или индустриски сокови, чаеви, па дури и засладени млека. Но, овие пијалаци имаат висок гликемиски индекс, го нарушуваат апетитот, и – најважно – претставуваат празни калории, без реална нутритивна вредност.

Во раниот развој, децата треба да научат да ја ценат водата како основен пијалок. Таа не само што е најздрава, туку и помага за добра дигестија, регулација на температура и хидратација на телото.

Nutricionist Bube

Исхраната во првите 1000 дена од животот на детето е најважната инвестиција во неговото здравје, имунитет и ментален развој

Премногу млеко, предолго пасирање, страв од алергени и засладени пијалаци – сè тоа се мали грешки што се прават со најдобри намери, но може да имаат долгорочни последици.

Важно е родителите да се информираат од релевантни извори, да не се плашат од текстура, нов вкус или нова намирница. Детето учи преку искуство – и тоа не само преку тоа што го слуша, туку преку тоа што гледа, вкусува и чуствува.

Вашето дете заслужува храна која ќе му го поддржи развојот, но и ќе му го разбуди интересот и љубопитноста.
Бидете трпеливи, понудете, повторете… и верувајте во неговиот природен капацитет да научи.


Контактирајте ме

За повеќе совети и персонализирана помош за исхраната на вашето дете.

 За бесплатна консултација и персонализиран план за исхрана, јавете се на +38971227891.

Trajna programa za ishrana
Scroll to Top