Дали овесните снегулки се здрав појадок?

 До кога ќе веруваш на fancy рекламите и видеата за фантастични оброци со овесни снегулки?     Се што треба да запомниш е дека овесните снегулки се нутритивно премногу сиромашна храна, иако низ маркетинг кампањите и препораките од фитнес индустријата, која често не е најрелевантна за насоки во исхраната, тие станаа симбол за „здрав живот“.

Зошто овесните снегулки не се најдобар избор за појадок?

Во продолжение ќе ти откријам зошто овесните снегулки не се најдобар избор за појадок и како нивната индустриска обработка ги има уништено природните благодети на овесното зрно. Но, пред да ги разгледаме главните причини, важно е да направиме разлика помеѓу овес и овесни снегулки.

Разлика помеѓу овес и овесни снегулки

Овесот е природна житарица, додека овесните снегулки се индустриски обработена верзија на ова зрно, создадени главно за побрза подготовка. На прв поглед, овесните снегулки можат да изгледаат како нутритивно богата храна, но начинот на нивната индустриска обработка и биохемиските својства на овесот ги прават далеку од идеална храна.

Како индустриската обработка ги уништува овесните снегулки?

Овесот како зрно во природна форма има надворешна лушпа која при индустриската обработка мора да се отстрани. Оваа лушпа содржи голем дел од растителните влакна, па со нејзиното отстранување се губи значителен дел од оригиналната нутритивна структура. Дополнително, отстранувањето на заштитниот слој може да доведе до оксидација на мастите во зрното.

Фази на обработка

Следната фаза во индустрискиот процес вклучува парење на овесот на високи температури за да стане мек и лесно јадлив. Но, со оваа постапка се губат термолабилните витамини како Б1 и Б6, а исто така се уништува и ензимот фитаза, кој е клучен за разградување на фитинската киселина. Ова значи дека минералите во овесот (железо, цинк, магнезиум) остануваат врзани со фитинската киселина и стануваат потешко апсорптивни за нашиот организам.

Следната фаза се нарекува притискање и пресување, каде што овесното зрно поминува низ големи метални ролери кои го сплескуваат во тенки снегулки. Оваа механичка обработка ги нарушува клеточните ѕидови и доведува до побрза апсорпција во организмот. Брзото варење значи побрзо ослободување на шеќер во крвта, што може да предизвика нагли инсулински скокови.

За да се продолжи рокот на траење, овесните снегулки подлежат на индустриско сушење. Оваа термичка обработка ја забрзува оксидацијата на мастите, што може да доведе до појава на ужегнат вкус со текот на времето и исто така до губење на ензими и микроелементи.

Во последната фаза, односно при пакување и складирање, постои најголемиот ризик. Ако не се складирани правилно, во овесните снегулки може да се развијат микотоксини (најчесто охратоксин А и афлатоксин), кои претставуваат ризик за црниот дроб и бубрезите. Некои научни студии ги поврзуваат микотоксините со зголемен ризик од развој на карцином.

Нутриционистички агол: Влијанието врз здравјето

Сега кога ја разјаснивме индустриската обработка на овесните снегулки, време е да ги разгледаме од нутриционистички агол и да разбереме како појадокот од овесни снегулки влијае на здравјето. Интернетот е преполн со популарни комбинации како овесни снегулки + банана + мед, што е чист шеќерен шок.

Висок гликемиски индекс и шеќерен шок

Овесните снегулки имаат значително висок гликемиски индекс (ГИ), што значи дека многу брзо го зголемуваат нивото на шеќер во крвта. Ако ваков оброк го консумира личност со дијабетес, последиците можат да бидат сериозни. Уште полоша е комбинацијата овесни снегулки + сушено овошје + млеко, што повторно доведува до хипергликемија. А кога ќе се додаде и смути, тогаш говориме за вистински јаглехидратен шок.

Краткотрајна енергија и постојан глад

Што добиваме од една овесна каша? Краткотрајна енергија, чест глад и нестабилно ниво на шеќер во крвта. Ако овесните снегулки ти се омилен појадок, сигурно си забележал/а дека веќе за еден до два часа повторно чувствуваш глад! Дали сè уште мислиш дека ова е најдобриот избор за појадок?

Scroll to Top